Ремедиум Вет

Дилатација и торзија на желудникот

Дилатација и торзија (проширување и завртување) на желудникот е заболување кое се јавува само кај големите раси со длабок граден кош како што се германските доги, германските овчари, боксерите, доберманите, шарпланинци, големите шнауцери… Постојат опишани случаеви на дилатација и торзија на желудникот кај малите раси на кучиња како што се пекинејзирите, но во доста помал процент за разлика од големите раси на кучиња.

Заболувањето обично се јавува кај кучиња на возраст помеѓу две и десет години.

Правиот причинител на ова заболување не е познат, иако постојат теории за генетска предиспозиција на кучињата на ова заболување, постои сомневање и на проблеми во анатомската градба и положба на органите во оваа регија, како и на проблеми во подвижноста на желудникот на заболените кучиња. Физичката активност и начинот на исхрана на кучето можат да бидат предиспозициски фактори за појава на оваа болест но тие не се нејзини причинители.

Дилатацијата на желудникот треба да се разликува од преполнетоста на желудникот која се јавува кога кучето ќе се прејаде.

Младите се склони кон прејадување така што кај нив преполнетоста на желудникот се јавува доста често, но не доаѓа до развој на симптоми на дилатација на желудникот. Дилатираниот желудник кај заболеното куче е надуен бидејќи е исполнет со голема количина на воздух  и тој може да остане во својата положба кога заболувањето го нарекуваме дилатација на желудникот, или може да се заврти околу својата лонгитудинална оска кога заболувањето го нарекуваме торзија или волволус на желудникот. Кога ќе се појави торзија на желудникот, животното доста бргу влегува во состојба на шок, бидејќи желудникот, поради својата променета положба, врши притисок на виталните крвни садови.

Клиничка слика

Првите симптоми кои сопственикот ги забележува кај кучето заболено од дилатација на желудникот се дека кучето нагло постанува нерасположено, тешко дише, вознемирено е, уплашено и тажно гледа, слабо е и безволно. Набрзо му се јавува нагон за повраќање и кучето зазема положба како да повраќа, приметливи се и контракции на стомачната мускулатура но кучето не успева ништо да исповрати. Симптомите понатаму се развиваат доста брзо и стануваат се по драматични. Кучето едвај може да стои на нозе, стомакот му е приметно надуен и се повеќе и повеќе се зголемува, скоро приметливо пред очите на сопственикот, и слузокожата на кучето се доста бледи. Ако сопственикот не реагира брзо и не го одведе кучето на ветеринар, кучето може да угине брзо од појавата на првите приметни симптоми.

Дијагноза

Со внимателен преглед на доведеното куче како и на основа на се она што ќе каже сопственикот, ветеринарот многу брзо ќе постави сомнеж дека кучето е заболено од дилатација или торзија на желудникот. Важно е сопственикот да ги опише сите промени и симптоми кои забележал, на ветеринарот како и да каже со што е хрането кучето, кога имало последен оброк, дали имало тренинг или дали било на прошетка и како се однесувало.
Ветеринарот ќе ги изврши сите општи прегледи на кучето, особено ќе посвети внимание во регијата на желудникот како и изгледот на видливите слузокожи.
Доволно е ветеринарот да постави сомнеж дека е во прашање дилатација или торзија на желудникот, па  без понатамошни анализи веднаш да пристапи на терапија, бидејќи заболувањето се развива доста брзо и секој момент е драгоцен. Ако симптомите кај заболеното куче не се најјасни и ако општата состојба на кучето не е алармантна, ветеринарот обично одлучува да изврши ренгентски преглед на кучето.

Терапија

Првиот чекор во терапијата на животните заболени од дилатација или торзија на желудникот е терапија против шок. Кучето веднаш се приклучува на инфузија и ветеринарот одлучува кои лекарства во антишок терапијата ќе ги примени. Следниот чекор во терапијата е намалување на притисокот во желудникот на заболеното куче. Ако е возможно, ветеринарот ќе го интубира кучето и на тој начин ќе ги ослободи гасовите од желудникот во надворешната средина. Потоа низ истиот тубус, ќе пристапи кон испирање на желудникот на кучето и од желудникот ќе ја отсрани сета содржина. Ако ветеринарот не може да го интубира кучето, ќе изврши троакирање на желудникот и на тој начин ќе ги ослободи гасовите од желудникот. Кога состојбата на кучето донекаде ќе се стабилизира и кога притисокот во желудникот че се намали, препорачливо е да се изврши ренгенолошки преглед на кучето за да се утврди дали е во прашање само дилатација, или дошло до торзија и волволус. Кога е во прашање само дилатација на желудникот, оперативниот зафат е добро да се направи но не мора да се работи веднаш, туку може да се причека да се стабилизира состојбата на кучето. Меѓутоа, кога се во прашање торзија и волволус, хируршката интервенција мора да се изведе што порано. Основниот принцип на оперативниот зафат е за желудникот да се врати во неговата физиолошка положба и да се фиксира, така што ќе се спречат рецидивите.
Меѓутоа, и кога сопственикот на кучето ќе ги примети првите симптоми на време и операцијата кога се изрши на време, смртноста од ова заболување е доста голема и се движи помеѓу 30-50%. Кај преживеаните кучиња честа е појавата на срцеви пречки, особено аритмија од половина до три години од операцијата. Ако не се во прашање тешки аритмии, терапијата за кучињата не е потребна, но ако ветеринарот процени дека аритмиите се сериозни, ќе примени соодветна терапија.

Профилакса

Сите идни сопственици на кучиња со длабок граден кош, би требало да се распрашаат за потеклото на својот нов миленик како и за здравствената состојба на родителите и предците. Сопствениците на раси на кучиња предиспонирани на ова заболување никако не би смееле своите миленици да ги хранат со храна која создава надув. Истотака никако не би смееле да го изнесуваат кучето во прошетка или тренинг кое јадело непосредно пред тоа, а поготово со нив да не се изведуваат вежби на прескокнување пречки или скокање

Related Posts