Ремедиум Вет

Како правилно да го негувате вашиот миленик после операција?

Вашиот миленик е штотуку опериран и додека чекате да се врати дома, постојат некои работи кои треба да ги знаете за да му возможите брзо закрепнување. Еве неколку совети…

АНЕСТЕЗИЈА

Вашиот миленик во наредните 12 до 24 часа нема да биде во потполна свесна состојба. Сместете го на мирно и топло место, подалеку од останатите домашни миленици, каде може да се одмори и каде не може да се повреди. Транспортер или некоја мала просторија се идеални. Никогаш не давајте храна и вода на вашиот миленик додека не биде потполно свесен. Некои анестетици можат да предизвикаат мачнина. Затоа, дури кога сте сигурни дека е потполно буден, понудете му вода. Ако помине се добро, после неколку саати понудете му малку храна. Почекајте до утрешниот ден за да го вратите на нормален распоред на хранење.

АКТИВНОСТ

Првиот ден треба да мирува. Во текот на следните недела дена неговата активност би требало да биде делимично ограничена. Шетајте го на краток поводник, освен ако ветеринарот ви советува друго. Потрудете се да го обесхрабрите трчањето, скокањето и грубата игра. Претераната активност после операцијата може да предизвика појава на оток и да го забави процесот на заздравување. Некои операции бараат строги ограничувања и одреден тип на вежби. Затоа е доста важно добро да ги разберете инструкциите од ветеринарот и потполно да ги испочитувате.

ОПКРУЖУВАЊЕ И ХИГИЕНА

После операцијата би требало да биде на топло и по можност,  на затворен простор. Проверувајте дали простирката на која спие кучето е чиста и сува. Не би требало да го бањате вашето куче, ниту да му дозволувате да плива, барем недела дена после операцијата, зошто површината околу резот би требало да остане сува. Ако подрачјето околу резот се извалка, можете кожата внимателно да ја избришете со топла вода и благ сапун, а потоа да ја измиете со вода. Избегнувајте сапунот и водата да ги нанесувате директно на резот.

САМОПОВРЕДУВАЊЕ

На местото каде е направен хируршкиот рез кучето може да чувствува болка, чешење и слично. Негов природен инстинкт е да го лиже тоа место, да го чеша и да го џвака. За тоа да не го прави, би требало да носи Елизабетанска крагна. Оваа крагна би требало да ја носи кога не сте во можност да го надгледувате, бидејќи е неверојатно со која брзина кучето може да го прегризе шавот, додека вие за момент го завртите грбот.

НАДГЛЕДУВАЊЕ

Секој ден проверувајте како изгледа резот. Известете го вашиот ветеринар ако забележите оток, исцедок, крварење, црвенило или ако мислите дека можеби недостасува некој шев. Ако вашето куче има завој, проверувајте секој ден дали е сув, чист и дали се осеќа непријатен мирис. Завојот може да остане чист и сув ако преку него ставите пластична кеса кога го изнесувате кучето надвор на прошетка.

ТЕРАПИЈА

Ако вашето куче треба да прима лекови, внимателно пратете ги инструкциите кои ви ги дава ветеринарот. Секогаш давајте лекови толку долго колку што ви пропишал, дури и кога изгледа дека му е подобро на вашиот  миленик.

ПОМОШ

Никогаш не се двоумете да повикате ветеринар, ако мислите дека можеби кучето има некој проблем. На овој начин можете да помогнете да се забележат и спречат компликациите пред да станат сериозни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *